Охрид

Холандските туристи повторно го одложија доаѓањето во Македонија

13.05.2021 13:55

Од Агенцијата за промоција и подршка на туризмот очекуваат холандските и туристите од други земји да започнат да доаѓаат во нашата земја кон средината на јуни. Меѓутоа дел од македонските туроператори посочуваат дека нивното доаѓање е одложено за крајот на јуни или за почетокот на јули и дека засега сѐ е неизвесно бидеќи земјата во моментов се наоѓа во црвената зона на мапата на земји безбедни за туризам.

Нашата држава е сигурна дестинација за домашните и странските туристи за Лето 2021-ва тврдат од Агенцијата за промоција и подршка на туризмот. Веќе се работи на промоција на традиционалните и на нови пазари и сме подготвени да понудиме безбедносен сертификат, идентичен со оној на државите членки на ЕУ.

„Можам и во овој момент да кажам дека имаме поголем интерес на туристи од регионот, но веќе со намалување на самата пандемија отпочнуваме да стануваме веќе во портокаловата зона, но исто така и во зелената зона со можност за месец, месец и половина да ги имаме првите традиционални гости од традиционалните пазари“, изјави Љупчо Јаневски- директор на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот.

За разлика од информациите кои доаѓаат од Агенцијата дел од македонските туроператори посочуваат дека холанѓаните повторно го одложиле доаѓањето за крајот на јуни или почетокот на јули, но дека и тоа е неизвесно.

„Сите најави за возобновување на чартер линиите од традиционалните земји како што се Холандија, Полска, Белгија, Турција и останати за Македонија моментално се одложени. Се чека да се создадат условиа тоа се Македонија да излезе од црвената зона на заразени од коронавирусот“, вели Асим Меѓедовиќ-туристички експерт.

Треба да се отстранат административните бариери и да се упатат јасни сигнали до странските туроператори дека можеме подготвено да ја дочекаме туристичката сезона, вели Меѓедовиќ.

„Спремноста да ја дочекаме оваа туристичка сезона ќе зависи и од бројот на вакцинирани луѓе во туристичкиот сектор и воопшто од бројот на вакцинирани луѓе во Македонија“, вели Меѓедовиќ.

Охрабрува драстичното намалување на заразените лица и во истовреме зголемувањето на вакцинираните, но засега никој не може да прогнозира кога ќе се најдеме на светската мапа на земји безбедни за патување, бидеќи според последните податоци на американскиот Центар за справување со пандемијата од 10 мај нашата земја е се уште во црвената зона.

 

Сашо Нелоски