Земјоделство

Финишира пролетната сеидба во Пелагонија

13.05.2021 14:02

За разлика од останатите земјоделски региони каде пролетната сеидба оди отежнато, во најголемата житница пролетниот сеидбен план веќе е реализиран во над 90 проценти. Деновиве ќе се посее и преостанатото од планираните околу 22.000 хектари. Пченката и сончогледот се доминантни култури...

Како ретко кога во поселедните години, пролетната сеидба во Пелагонија финишира со незначително потфрлување на оптималниот рок. Земјоделските стопанства речиси сто насто посеале, а индивидуалните земјоделци ги сеат последните подготвени парцели. Земјоделецот Трајан Ѓоргиевски вели дека идеалните зимско- пролетни временски прилики си го направиле своето и дека веќе на некои места има и поникнување на посеаното.

Слична е состојбата и во останатите делови на Пелагонија. Не за долго ќе може да се каже дека сеидбениот план годинава во целост е исполнет.

Во централниот дел на Пелагонија, стратешка пролетна култура е пченката. Достапноста на хидрантите на ХМС Стрежево е само еден од предусловите.

Доколку викендов ги има најавените врнежи од дожд, идеалната земјоделска слика ќе продолжи и понатаму, не само кај пролетните туку и кај есенските посеви. Земјоделците од овој регион децидни- паднат ли 20 литри дожд на метар квадратен за месец ипол жетвата на лебното зрно ќе исфрли нови рекордери, произведители на пченица.

Стевче Митревски