Независната угостителска комора со нови барања за олабавување на мерките
„Да се укине забраната за четворица гости на маса, да има жива музика“ – ова се дел од барања на Независната угостителска комора во пресрет на новите одлуки на Комисијата за заразни болести за олеснување на мерките. Според нив, поради поединци кои постојано ги прекршуваат протоколите настрадал целиот сектор.

Независната угостителска комора бара укинување на ограничувањето на работното време. Бараат да се дозволи одржување на прослави и веселби, на маса да седат повеќе од четири лица. Со почитување на протоколи комората бара да се дозволи работа и во внатрешните делови на локалите. Барањата ќе ги достави до Владата и Комисијата за заразни болести.
Од НУК велат дека се задоволни од шестиот пакет мерки, но забележуваат на селективноста. Велат, не се опфатени оние локали чија примарна дејност не била угостителство. Со финансиската поддршка од шестиот пакет ќе бидат опфатени туристичките агенции, естрадните уметници, организаторите на прослави, игротеките, ноќните клубови.
Независната угостителска комора претходно ги промовираше сертификатите за безбедна зона. Целта на кампањата „Чисто и безбедно“ е со цел да се зајакне довербата во земјава како безбедна туристичко- угостителска дестинација.
Дијана Ценевска
