40.000 дози „АстраЗенека“ пристигнуваат денес, утре 100.000 од „Синофарм“

14.05.2021 12:26

До понеделник термин за вакцинација ќе добијат сите што аплицирале до крајот на април, но младите ќе почекаат, предност имаат оние над 70 години...

Во државава се очекува да стигнат 40.000 дози на „АстраЗенека“, а во текот на утрешниот ден 100.000 од „Синофарм“ донација од Кина, најави министерот Филипче. Вели, до понеделник термин за вакцинација ќе добијат сите што аплицирале до крајот на април, но младите ќе почекаат, предност имаат оние над 70 години.

„Продолжуваме да ставаме акцент на постарите граѓани дополнително пријавени после пресекот од 30 април кога беа пријавени вкупно околу 140 илјади граѓани. Сега се вкупно околу 160 илјади граѓани. Околу девет илјади од овие дополнително пријавените, се граѓани над 70 години и со нивниот опфат околу 42 проценти од вкупно население над 70 години ќе бидат вакциирани“, изјави Филипче.

Според него, имунизацијата на населението се одвива прилично добро и досега се вакцинирани околу 150 илјади граѓани од кои 30 илјади се веќе ревакцинирани.

Сѐ уште е рано да се укине носењето маски на отворено. В понеделник Комисијата за заразни болести ќе ја разгледува епидемиолошката состојба во изминатите две семици и ќе се знае конечната одлука за ново олабавување на мерките.