Евроинтеграции

Димитров: Нашиот случај е тест за ЕУ

14.05.2021 13:24

Нашиот случај е тест за Евопската унија, дали регионот ќе може да ѝ верува на ветувањето за европска перспектива на Балканот, вели вицепремиерот Димтров на панелот посветен на ЕУ во Атина. Сите земји- членки треба да постигнат договор, ние работиме да обезбедеиме поддршка, изјави еврокомесарот Вархеји...

Случајот со нашата земја е тест за Европската унија, за тоа дали ние во регионот во Западен Балкан можеме да и веруваме на ЕУ, порача вицепремиерот за европски прашања Димитров од панелот посветен на ЕУ и Западен Балкан. ЕУ е наша заедничка цел, нешто кон што ние работиме. Двете земји исполнија сѐ што беше потребно.

„Пристапниот процес треба да биде воден според заслугите, според перформансите и мислам дека конечно дојде времето каде што долго задоцнетите пристапни разговори треба да започнат. Ние сме земја која чека најдолго, ветувањата беа направени и ако истите не се остварат тоа испраќа многу негативна порака. По целото ова време ние не можеме да си дозволиме луксуз и да кажеме ќе чекаме. Мислам дека треба да го зграпчиме моментот и да најдеме начин да ги надминеме пречките“, изјави Димитров.

Порака и од еврокомесарот Бархеји, во која истакнува дека земјите членки се подготвени да ја одржат првата меѓувладина конференција или пристапните преговори за двете земји. Ова се многу добри вести и радосен сум што го слушам тоа, додаде Вархеји.

„Треба да знаете дека сите земји- членки треба да постигнат договор, процесот е таков и тоа е нешто на што ние работиме, да обезбедиме поддршка од сите земји членки за двете земји. Реферирајќи на мојата изјава, го истакнав очигледното. Доколку не успееме да постигнеме договор за двете земји, ова прашање неминовно ќе се појави повторно и ќе треба да дадеме одговор на тоа, но во моментот работиме за двете земји“, нагласи Вархеји.

Вархеји се осврна и на новата методологија која треба според него да ја зголеми веродостојноста, предвидливоста политичката природа на процесот, што е политичка инвестиција на земјите-членки.

 

Фиљана Кока