ИЗРАЕЛ

Нетанјаху најави уште пожестока акција против Хамас

14.05.2021 13:38

Засилена израелска офанзива во Газа, Палестинците продолжуваат со ракетни напади. Премиерот на еврејската држава Нетанјаху тврди дека постојат два фронта, најави уште пожестока акција против Хамас. Палестинците кои живеат на северната и источната граница ги напуштаат домовите. ЕУ смета дека САД се единствените кои можат да го окончаат конфликтот.

Израелската војска ја зајакнува офанзивата врз Газа додека палестинските бутовници продолжуваат со ракетните напади петти ден по ред. Армијата тврди дека во операциите за уништување на мрежата тунели на Хамас биле вклучени воздухопловните и копнените сили, но тие не влегле во Газа.

„Се соочуваме со воена кампања на два фронта. Првиот е Газа. Реков дека Хамас и другите терористички организации ќе платат многу висока цена. Вториот фронт се израелските градови. Им даваме 100% поддршка на војниците на граничната полиција и другите безбедносни сили. Нема да толерираме анархија“, изјави премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.

Палестинците кои живеат на северната и источната граница на Газа ги напуштаат домовите. Помош добиваат од Обединетите Нации. Во меѓувреме, Израел го зголеми военото присуство и повика да се мобизилираат 9.000 резервисти.

„Планиравме да заминеме ноќе, но израелските дронови и авиони продолжуваат да не бомбардираат. Почнавме да се движиме и избегавме во училиштата. Не можевме да веруваме колку ни врескаа децата, сакаа да заминат, се тресевме за нив. Кога се разбудивме, се беше уништено“.

„Немаше предупредување, извикувавме „Бог е голем“ додека се тресеа куќите, не можевме да излеземе. Повикавме брза помош, рекоа дека има повредени до кои не можат да стигнат.“

Европската Унија бара прекин на судирите, но призна дека не може да посредува во конфликтот ниту да влијае врз израелските одлуки. Според Брисел, само САД можат да стават крај на територијалниот спор. Администрацијата на претседателот Бајден претходно ја оправда интервенцијата на Израел.

„Бевме јасни дека ракетните напади мора да запрат. Бевме јасни и дека Израел има право да се брани. Почнавме забрзано да соработуваме и со регионалните партнери за да надвладее мирот“, рече Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Од почетокот на битките во Појасот Газа загинаа над 100-на луѓе. И натаму продложуваат судирите меѓу Евреите и Арапите во Израел при што беа уапсени стотици лица.

 

Маја С. Филдишев