Потврдено труење со салмонела кај децата во кумановската градинка „Ангел Шајче“
Бактеријата салмонела е откриена во оригинално пакување на мајонез. По одлука на надлежните затворена е кујната во која што се подготвувале 350 оброци дневно, како и занималните во кои биле згрижени деца со симптоми на труење со храна. Извршено е и механичко чистење и дезинфекција.

Кај 31 дете и тројца вработени во кумановската градинка „Ангел Шајче“ е потврдено присуство на бактеријата салмонела, информираат од Центарот за јавно здравје од Куманово и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
До Центарот за јавно здравје доставени се 61 пријава за труење со храна. Бактеријата салмонела е откриена во оригинално пакување на мајонез. По одлука на надлежните затворена е кујната во која што се подготвувале 350 оброци дневно, како и занималните во кои биле згрижени деца со симптоми на труење со храна. Извршено е и механичко чистење и дезинфекција.
На детското одделение во Куманово во моментов се хоспитализирани три дечиња, но кај нив се уште не е потврдено присуството на салмонела. На болничко лекување се уште три, кај кои веќе е дијагностицирана бактеријата, но нивните родители одбиле да бидат згрижени, па добиле решение за изолација. Сите дечиња се со подобрена здравствена состојба.
Елена Георгиевска
