Филипче: Пристигнуваат 40 илјади дози на „Астра Зенека“ и 100 илјади од „Синофарм“
За олабавувањето на мерките, според Филипче е сè уште рано да се укине препораката за носење маски на отворено...

Пријавените за вакцина најдоцна до понеделник ќе добијат термин, на кој пункт и во колку часот ќе бидат вакцинирани, тврди министерот за здравство Филипче. Младите ќе почекаат, предност ќе имаат граѓаните над 70 години, бидејќи девет илјади изминатиов период дополнително се пријавиле.
-До утре или до понеделник сите пријавени ќе добијат термини. Акцентот ќе биде на ново пријавените лица над 70 години, за да се заштити прво оваа категорија. Помладите е можно подолго да почекаат. Границата ќе биде 40 години. Тие под 40 години нешто повеќе ќе почекаат, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Во земјава преку Ковакс механизмот се очекува да пристигнат 40 илјади дози „Астра Зенека“ и 100 илјади дози „Синофарм“, донација од кинеската армија. Во текот на месецов се очекуваат и 500 илјади вакцини „Синовак“.
За олабавувањето на мерките, според Филипче е сè уште рано да се укине препораката за носење маски на отворено, дури и за оние граѓани кои имаат примено две дози на вакцината.
-Да ги видиме сознанијата, ставовите на повеќе други земји, да согледаме каква е ситуацијата кај нас. Еве реално е дека многу граѓани навистина и во парковите не се придржуваат до таа мерка. Лично сметам дека е рано сè уште. Сепак е потребен поголем опфат со вакцинација, меѓутоа во исто време треба мерката да има логика, топло време и така натака, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Идната недела комисијата за заразни болести ќе ја разгледува епидемиолошката состојба, тогаш ќе се знае и дали ќе има ново попуштање. Ќе се разгледуваат и барањата на угостителската комора, да се дозволи работа во внатрешните делови на објектите и настап на музички групи, како и препораката на маса да седат четворица.
Андријана Атанасовска
