Иднината на државата зависи од тоа колку вложуваме во образованието
Сите заедно треба да се грижиме само за интересот на ученикот. Дигитализацијата на учебници не значи онлајн настава, а доколку има потреба од дополнителни кадровски решенија и инвестиции во образованието тоа треба да се направи бидејќи од тоа зависи иднината на државата. Ова во Охрид го изјави министерката за образование и наука при што посочи дека сè уште не знае како ќе започне учебната година во септември бидејќи за тоа ќе се одлучува заеднички со комисијата за заразни болести …

Кога зборуваме за дигитализација на учебниците не зборуваме за онлајн наставата што се случува во време на пандемија. Тоа беше неопходно а не затоа што сакавме, бидејќи сите ние посакуваме да имаме полни училници. Ова го изјави министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на Охрид во рамките на втората фаза од кампањата „Учи паметно, работи стручно“.
Во фокусот на министерството за образование е вакцинацијата на наставниот кадар. Веќе се вакцинирани наставниците од прво до трето одделение, а сега се вакцинираат сите оние коишто ќе бидат ангажирани за спроведување на матурата. Како ќе започне новата учебна година зависи од епидемиолошката состојба во септември.
Во однос на најавените протести министерката Царовска рече дека барањата се остварени бидејќи настава и учебници има. Оние што се однесуваат на враќањето на етиката на религии и родовата еднаквост исто така, бидејќи тој предмет е изборен и постоен, додека за второто барање има законски решенија кои се изгласани во парламентот и конвенции кои нашата држава ги потпишала и се уставно загарантирани.
Сашо Нелоски
