Куманово

Потврдено труење со салмонела кај децата

14.05.2021 20:33

Кај 31 дете и тројца вработени во кумановската градинка „Ангел Шајче“ е потврдено присуство на салмонела ентеритидис. Бактеријата е откриена во оригинално пакување на мајонез. По одлука на надлежните инспекторати, затворена е кујната, како и занималните. Агенцијата за храна, нареди уништување на небезбедната храна…

Бактеријата салмонела е причина за труењето со храна на 31 дете и тројца вработени во кумановската градинка „Ангел Шајче“. По земените мостри од храна, бактеријата е откриена во оригинално пакување на мајонез. Сите дечиња, на возраст од 2 до шест години, се со подобрена здравствена состојба. На детскиот оддел се хоспитализирани 3 деца, но кај нив сè уште се чекаат резултатите за присуство на бактеријата. Во Центарот за јавно здравје Куманово регистрирани се 66 пријави за труење кај деца згрижени во три клонови.

-Кај 31 дете е изолира салмонела ентеритидис, во тек се испитувања уште на 5 копрокултури кои пристигнаа во текот на денешниот ден. Од она што е од страна на Центарот за јавно здравје постапи според дадените препораки, заедно во комуникација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна. Извршена е вонредна дезинфекција во посочените објекти-посочи д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог Центар за јавно здравје Куманово.

По одлука на инспекторатите уште од понеделник, е затворена кујната во „Пчелка“, како и занималните. Агенцијата за храна нареди уништување на небезбедната храна. Кумановскиот градоначалник, изрази жалење за случајот и најави дека ќе побара одговорност.

-Апсолутно треба да има одговорност, недозволиво е во денешни услови во такви инвестиции и капацитети да ни се јави салмонела. Ако се почитуваат сите процедури, и има изграден систем, мора да дошло до одредени пропусти за да се случи тоа. Но знаете дека кога се водеше постапка за избор на менаџер ми беа одземени ингеренции-нагласи Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат и утринава извршил вонреден инспекциски надзор при што било констатирано дека кујната и занималните, согласно решението, се затворени.

Елена Георгиевска