Пензионерите на рекреација во „Бањиште“

22.03.2014 17:05

Повеќе од 22 илјади пензионери до сега ја искористиле можноста за престој во некоја од нашите бањи преку проектот на министерството за труд и социјала за бањско климатска рекреација. Министерот Спасов ги посети оние што престојуваат во локалитетот Бањиште кај Дебар. Најави дека проектот ќе продолжи и со него повторно ќе бидат опфатени над 22 илјади пензионери.

Бањскиот локалитет Бањиште кај Дебар е местото во кое деновиве 100-тина пензионери ги користат благодетите на овдешните лековити води.

Им годи недопрената природа и чистиот планински воздух, а задоволни се и од услугата во овој современ комплекс.

„Бањите се многу убави и лековите. Јас бев два пати до сега, а и сега е преубаво...За пензионерите и за старите се одморот и рекреацијата...Преубаво е, задоволни сме од сите страни...Не сме задоволни, туку презадоволни...Условите се многу добри“, велат пензионерите.

За да се увери во квалитетниот третман што пензионерите го добиваат при престојот, бањите ги посетува ресорниот министер Спасов.

Најави дека проектот со кој пензионерите седум дена имаат можност да добијат стручна терапија во комбинација со влијанието на термалните води, ќе продолжи и следниве години.

„Токму поради тоа ќе го продолжиме овој проект кој ќе можат да го изкористат нови 22 илјади пензионери. Но размислуваме за воведување вакви слични нови проекти, со кои на некој начин ќе продолжиме континуирано да ги подобруваме условите за живот на старите лица во Република Македонија“, изјави Диме Спасов – Министер за труд и социјала.

Покрај за пензионерите, овој проект има позитивно влијание и врз работењето на бањите, а сопствениците инвестираат во осовременување на условите за престој.  

„Со проектот очекуваме околу 1200 пензионери или вкупно во четирите бањи околу 5300 пензионери“, вели Меџит Цапа – Сопственик на Дебарски бањи.

До сега преку проектот за бањско климатска рекреација повеќе од 22 илјади пензионери ги почувтсвувале благодетите на лековитите води низ Македонија.

Зоран Јованоски