Струга со нов лик ќе привлекува туристи ова лето
Струга во градежна офанзива, со нов лик ќе привлекува туристи ова лето. Нови осветлени улици, паркови, пешачки и велосипедски патеки се дел од проектите кои ќе бидат готови до крајот на овој месец …
Струга се уредува пред почетокот на туристичката сезона. Се градат нови и се реконструираат старите улици, пешачки и велосипедски патеки, се садат дрвја на крајбрежјето, се поставуваат клупи се уредуваат парковите. Поставено е и ново осветлување во градот, а круна ќе биде подводното осветлување на реката Црн Дрим во повеќе бои.
Првиот човек на градот вели, целта е Струга да добие нов лик за привлекување на што повеќе туристи.
- „Сите тие се осветлени со нови осветлувања се направени добри паркови, посадени се дрвца и мислам дека ќе биде навистина добра слика за сите стружани но и секој што ќе го посети Струга“, вели Рамиз Мерко градоначалник на општина Струга.
Нови сообраќајни решенија и уредени патишта има и кон густонаселените села во околината на Струга, а поправен е и патот кон граничниот премин Ќафасан. Целосна реконструкција на овој патен правец најави Агенцијата за патишта.
- „Тој пат се искрпи во целост и засега добро функционира сообраќајот нема големи дупки за ризик во сообраќајот. Уште една подобра работа и мене ми имаат потврдено дека тендерот е во објава и ќе се почне со реконструкција на целиот патен правец Подмолје Ќафасан“, додава Мерко.
Мерко побарал од Агенцијата за државни патишта што поскоро да се стават во функција првите 26 километри на автопатот Кичево Охрид, кој е во исклучително лоша состојба, а се гради веќе осум години.
Соња Рилковска
