Протест

Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ бара референдум за образовните реформи

15.05.2021 16:34

Покрај главниот марш во Скопје и во другите градови пред општинските згради се одржаа протести на родителите против дигитализацијата во образованието...

Родители го прекинаа бојкотот на настава и излегоа на протестен марш против предлог законот за учебници во основното образование. Бараат учениците да учат од книга, не од компјутер. Велат дека децата не се експеримент, а политиката треба да се тргне настрана. Според нив, столбот на образовниот процес е урнат. Инсистираат на дијалог со министерката Царовска.

Родителите велат дека дигитализација не смее да се спроведе без јавни дебати и релевантни експертски анализи.

Покрај главниот марш во Скопје и во другите градови пред општинските згради се одржаа протести на родителите против дигитализацијата во образованието.

Од иницијативата на родители велат дека законот за учебници не во интерес ниту на родителите, ниту на учениците, ниту на кој било инволвиран во образовниот процес. Бараат референдум.

Од министерството за образование со соопштение. Законското решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека учебниците ќе бидат достапни во аудиоформат, но и на брајово писмо за учениците со оштетен вид. Во меѓувреме, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои МОН како и досега со должно внимание ќе ги разгледува, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците, велат од ресорот.

Александра Спировска