Дивоградби

Заев: Ако ја прекинеме легализацијата тогаш ќе мора да урнеме над 50 илјади домови

15.05.2021 16:44

Антикорупциската комисија веќе најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на законот за дивоградби...

Законот за легализација на дивоградбите ќе се врати во собраниска процедура и предвид ќе се земат сите околности, посебно оние кои претседателот ги навестува во причините за непотпишувањето“, изјави премиерот Заев. Посочи дека ако законот не се врати во Собрание, веднаш ќе треба да почнат да се рушат овие 50 илјади објекти на граѓаните. Смета дека причината за носење на овој закон е да се спасат градбите на граѓаните кои се под прагот на сиромаштијата и не можеле да ги легализираат своите објекти поради неможноста да платат за геодетските елаборати и другите трошоци на постапката.

Претседателот на државата Пендаровски во своето образложение укажа дека со овој Закон се легализираат противзаконетите постапки на физички и правни лица за бесправно градење, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност. Таквата постапка е спротивна со член 9 од Уставот во којшто е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Шефот на државата апелираше до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот.

Доколку во законодавниот дом повторно се обезбедат 61 глас за донесување на законот, без да бидат уважени забелешките, претседателот Пендаровски ќе нема право на ново вето. Антикорупциската комисија веќе најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на законот за дивоградби. Законот беше предложен од Владата кон крајот на 2019 на предлог на градоначалниците и на ЗЕЛС. Со законот власта уверува дека не се опфатени дивоградбите во Охридскиот регион под заштита на УНЕСКО, како и станбените згради и нивни доградби и надградби.

Игор Панов