Се подготвува пунктот за масовна имунизација во Прилеп
Почнуваат подготовките на пунктот за масовна имунизација во Прилеп за да биде отворен на 25 мај. Дневно ќе се имунизираат над 1000 граѓани, а втора доза ќе добијат оние што првата ја примија во Битола. Моментално е стабилна епидемиолошката слика и се намалуваат Ковид-одделите...

Технички и инфраструктурно почнува да се подготвува спортската сала од медицинското училиште за да се отвори пунктот за масовна имунизација во Прилеп. На општината ќе и помогнат стопанствениците.
Болницата го подготви медицинскиот кадар и дневно ќе се имунизираат преку 1000 граѓани. Го опфаќа регионот на соседните Долнени и Кривогаштани, како и Крушево, Македонски Брод и Пласница.
Од понеделник во здравствениот дом втората доза ќе ја примаат преку 2 200 повозрасни граѓани. Интересот за имунизација се зголемува.
Надлежните ги охрабрува моменталната епидемиолошка слика. Хоспитализирани се 27 граѓани, што е најниска бројка во речиси една година. Планот е да се затворат ковид одделите на интерното и на одделението за уво, нос и грло. Активни остануваат инфективното и модуларната болница. Сепак, ќе биде претпазливо, зашто мора да се почекаат ефектите од празнувањата.
Елизабета Митреска
