Ковид-19

Охрид: По шест месеци бројката на хоспитализирани за прв пат падна под 50 лица

15.05.2021 19:39

После долго време охридската општа болница ќе продолжи да функционира во нормални услови. Бројот на Ковид пациентите е околу четириесет и сите се сместени во модуларната болница што ќе овозможи одделите каде што беа сместувани Ковид пациенти да ја обавуваат својата дејност како и пред пандемијата...

По шест месеци за прв пат во Општата болнива во Охрид бројката на хоспитализирани Ковид пациенти падна под 50, односно во моментов е околу 40 лица. За разлика од другите градови во Охрид беше карактеристично тоа што помеѓу вториот и третиот бран имаше константен број на хоспитализирани пациенти што придонесе медицинскиот кадар целосно да се исцрпи.

„Ја враќаме болницата во старата формација кај што сите оддели ќе се занимаваат со таа патологија за што е потребно. Интерно за интернистички, нервно за нервни пациенти,ковид болницата или модуларната болница ќе е исклучиво за ковид пациенти, а геријатрија ќе остане за суспектни пациенти. Ако овој тренд на намалување продолжи тогаш ќе ги вратиме пациентите од геријатрија од болницата „Свети Еразмо“, изјави Горан Балевски-директор на Општа болница Охрид.

Во Охрид имаат можност да се имунизираат 310 илјади граѓани од 7 општини.Дневно се вакцинираат по околу 1.500 лица,а досега се имунизирани над 11 илјади.

„Тоа е одлична бројка.Се надевам дека овој тренд ќе продолжи. Добро е што од сите тие 11 000 луѓе не сме имале ниту еден несакан ефект. Ќе почнеме и со ревакцинација,така што очекувам дека на овој начин ќе стекнеме некој нколективен имунитет и дека на крајот на краиштата ќе ја победиме оваа пандемија“, изјави Горан Балевски-директор на Општа болница Охрид.

Имунизацијата на населението во Регионалниот вакцинален центар во Охрид го врши исклучиво медиционски персонал од охридските здравствени установи со што уште еднаш се потврдува дека градот располага со квалитетен и искусен персонал.

Сашо Нелоски