Наскоро ќе започне реконструкција на театарот
Распишана е јавната набавка за првата реконструкција на кумановскиот театар. Градежните активности би требало да почнат во јуни. Надлежните од театарот, актерите изминативе години постојано алармираа за лошата состојба на објектот, изграден во 60-те години, а од тогаш само неколкупати бил реновиран...

Наскоро ќе започне првата фаза од реконструкцијата на кумановскиот театар. Од оваа културна установа информираат дека е распишана јавната набавка, па градежните активности треба да почнат по изборот на компанијата и завршување на процедурите. Министерството за култура за првата фаза обезбеди 10 милиони денари.
-Очекуваме дека ќе има заинтересирани фирми, кои конечно ќе го направат овој театар убаво место за сите нас, за кумановци. Исто така распишан е и тендерот за надзор при едната набавка очекуваме интерес и целата постапка да заврши некаде 15 јуни-истакна Сашо Тодоровски, директор на Театар Куманово.
Согласно проектот, во првата фаза се очекува да се направат сеизмички испитувања, да се увиди стабилноста на објектот, архитектурата, крупните активности.
-Од министерството ни најавија доколку го завршиме целиот проект со архитектура, идната година би можело да се дообезбедат сите средства за реконструкција на театарот, при што ќе се направат фините работи, местење на столови, сцена, со цел да добиеме функционален, модерен театар за некои две години, доколку не наидеме при некои проблеми во првата фаза-дополни Тодоровски.
Предвидено е и објектот да се приклучи на гасификација.
Надлежните од кумановскиот театар, како и вработените изминативе години постојано алармираа за лошата состојба на објектот, изграден во 60-те години, а од тогаш само неколкупати бил реновиран. И кумановци како големи љубители на театарската уметност, за што зборува и фестивалот Денови на комедија, бара нов или реконструиран театар.
Доколку во јуни започне реконструкцијата на театарот, претставите ќе се изведуваат во големата сала во Центарот за култура.
Елена Георгиевска
