Огледалата од сценскиот костим, блеснаа и на тиркизниот килим
Нашиот претставник Васил Гарванлиев се појави на церемонијата во креација на Раде Василев, доследен на својот минималистички стил, но со впечатлив детал кој беше надоврзување на неговиот аутфит на портокаловиот килим во Тел Авив во 2019 година. Ако тогаш носеше кожена круна, овој пат Гарванлиев одбра круна составена од парчиња огледало...

Вчера се одржа свеченото отворање на 65-тото издание на Евровизија со традиционалниот церемонијален црвен килим, кој овогодинешниот домаќин Ротердам го обои во тиркизна боја. Поради предизвиците кои ги наметна пандемијата, протоколите за безбедност и заштита на здравјето беа главен приоритет и истите беа под надзор се до последниот момент. Од овие причини, делегациите на Полска, Исланд, Малта и Романија за жал не учествуваа на тиркизниот килим.
Нашиот претставник Васил Гарванлиев се појави на церемонијата во креација на Раде Василев, доследен на својот минималистички стил, но со впечатлив детал кој беше надоврзување на неговиот аутфит на портокаловиот килим во Тел Авив во 2019 година. Ако тогаш носеше кожена круна, овој пат Гарванлиев одбра круна составена од парчиња огледало и тоа во склоп на севкупниот концепт на неговата песна и настап, односно огледалата кои се дел од неговиот сценски костим, беа дел и од костимот на тиркизниот килим преку круната.
„Ова за мене е тригодишно патување и конечно се затвора кругот. Оваа круна е симбол за успех. Таа е потсетник за сите нас дека можеме да бидеме кралеви и кралици, принцови и принцези во своите универзуми.
Стоев на портокаловиот килим во Тел Авив носејќи црн костим, црна кожена круна и злато на очите. Тоа беше основната инспирација за боите во мојот настап годинава. Црно, златно и бело – огледалата.
Ова докажува дека ако верувате во себе и своите соништа и му се отворите на универзумот, вие сте несопирливи.“ – изјави Гарванлиев.
„Кога ќе те скршат на парчиња, собери ги и направи круна од нив“ – заокружува тој.
За потсетување, Васил Гарванлиев настапува 6ти по ред во првото Евровизиско полуфинале на 18ти мај. Следете го преносот на Македонската Телевизија утре, со почеток во 21часот.
Јана Бурческа
