Поддршка од Брдо- Бриони процесот за итно отворање на преговорите со ЕУ
„Европската унија да ги забрза преговорите со земјите кандидатки за зачленување“, заедничка декларација на лидерите на седум балкански држави од самитот Брдо-Бриони. Претседателот Стево Пендаровски изјави дека интеграциите не треба да се оптоваруваат со историски контроверзи...

Во усвоената заедничка изјава лидерите на земјите од регионот на 10-тиот самит Брдо-Бриони во Словенија ја повикаа Европската унија да го гледа регионот на Западниот Балкан како целина. „Проширувањето на ЕУ мора да продолжи во пост- ковид Европа. Историските прашања немаат ништо заедничко со процесот на европската интеграција“, порача шефот на државата Пендаровски. Хрватска и Словенија се заложиле во рамките на Унијата да се обидат со свои иницијативи да дадат нов поттик за остранување на ветото од Бугарија.
„Потребен е нов поттик на евроинтеграциите. Во спротивно, некои други алтернативни модели на владеење и некои други регионални организации кои не се од Европскиот континент ќе добиваат на значење. Во однос на нашиот проблем во интеграциите беше неподелено мислењето дека евроинтегративниот процес, воопшто процесот на преговори не смее воопшто да се оптеретува со историски контроверзии, дека историските проблеми и толкувањата на историските настани немаат буквално ништо заедничко со евроатлантските интеграции и со вредностите кои членките во тие организации ги почитуваат“, изјави претседателот Пендаровски.
Домаќинот, словенечкиот претседател Борут Пахор истакнал дека евроинтеграцијата на земјите од Западниот Балкан ќе биде еден од приоритетите на Словенија како претседавач со Унијата во втората половина од годинава.
„Ја повикуваме ЕУ да го гледа регионот на Западен Балкан како целина, и не само како одделни земји со кои преговара. Брисел треба да гледа на регионот како на геополитичко прашање. Тоа е реципрочен процес. ЕУ мора да го забрза проширувањето и земјите од Западен Балкан мора да ги забрзаат реформите“, изјави словенечкиот претседател Борут Пахор.
Хрватскиот претседател Милановиќ како копретседавач со процесот Брдо- Бриони се спротиставил на ветото од Бугарија за почеток на пристапните преговори со земјава.
„Северна Македонија се наоѓа во една невозможна позиција во процесот на евроинтеграциите. Се работи за условите кои се поставени во една релативно зрела фаза на преговорите со ЕУ, а се однесува на содржината некои учебници по историја. Тоа е влегување во интимен простор и тоа не се прави. И на тоа отворено ќе се спротиставам“, нагласи хрватскиот претседател Милановиќ.
Лидерите на Западниот Балкан разговарале за справувањето со последиците од пандемијата и економското закрепнување на регионот.
Ирина Гелевска
