Утре се отвора Биеналето на млади уметници во МСУ
На поставките ќе бидат изложени дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уметници. Селектирани се дела на уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција...

Утревечер во 20 часот, во Музејот на современата уметност - Скопје ќе биде отворено 13. Меѓународното биенале на млади уметници со наслов „Страст за лутање“.
Годинашново Биенале, чиј организатор е МСУ, се проширува вон архитектурата на музејот, вклучувајќи институционална соработка со Музејот на Македонија, Природнонаучниот Музеј и зградата на Управата за хидрометеоролошки работи, степенувајќи ја важноста на овие простори, како примери за модернистичко архитектонско наследство на градот Скопје и на потенцијалот на тоа наследство, кој е насочен кон иднината и непознатото и кој повикува на талкање кон други простори и времиња.
Па така, по утрешното отворање на Биеналето во МСУ, на 20 мај публиката е поканета да ги погледне делата на млади уметници, кои ќе бидат изложени во Природнонаучниот музеј, додека на 21 мај ќе се случи отворање во Музејот на Македонија. Изложбената поставка во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи ќе биде отворена за посетители на 22 мај со почеток во 13 часот.
На поставките ќе бидат изложени дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уметници. Селектирани се дела на уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција... меѓу нив, уметници, со стекнато образование на уметнички универзитети во Англија, Холандија, Германија, Словенија, Франција и Италија.
