Протеран руски дипломат
Земјава прогласи руски дипломат за персона нон грата. Македонското министерство за надворешни работи му врачи нота со која му се наложува да ја напушти нашата територија. Случајот е документиран, тврдат властите. Москва размислува за реципрочен одговор...

Руски дипломат е прогласен за персона нон грата и треба да ја напушти Македонија. Во петокот во Министерството за надворешни работи бил повикан рускиот амбасадор Сергеј Баздикин за да му биде соопштено дека еден од дипломатите е прогласен за непожелна личност, со образложение дека „однесувањето на дипломатот не било во согласност со очекувањата од земјата домаќин“. Од МНР велат дека одлуката е според Виенската конвенција за дипломатски односи.
„На 14-ти мај 2021-ва година, во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан амбасадорот на Руската Федерација, при што беше врачена нота со која му се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Северна Македонија во рок од седум дена“, соопштуваат од МНР.
Претседателот Пендаровски за случајот бил информиран пред неколку дена. Не сака да навлегува во причините, нарекувајќи ги сензитивни. Вели- случајот е документиран од надлежните.
И од Руската амбасада за МТВ потврдуваат дека нивни вработен од македонските власти бил прогласен за персона нон грата. Официјална Москва ја разгледува можноста за евентуални реципрочни мерки.
Ова е прв ваков случај во односите со Руската Федерација кога станува збор за став на Владата во согласност со безбедносен увид на надлежните македонски служби „за зачувување на суверенитетот на државата“.
Милчо Велески
