Политика

Пендаровски: Ќе биде трагично ако евроинтеграцијата на регионот биде попречена

18.05.2021 16:54

„Ќе биде трагично ако евроинтеграцијата на регионот биде попречена поради анахрони историски интерпретации“, претседателот Пендаровски со порака од Регионалната школа за безбедност. Германија бара почетокот на преговорите, Вашингтон смета дека и Унијата добива со проширувањето...

Европските интеграции нудат долгорочна перспектива за регионот и ќе биде трагично ако тие интеграции бидат попречени, не толку од ЕУ колку од самите нас во регионот преку анахрони историски интерпретации, оцени претседателот Пендаровски обраќајќи се на Регионалната школа за безбедност. Укажа дека со одолговлекувањето на почетокот на преговорите, се намалува поддршка за членство во ЕУ и се отвора простор за нови закани од трети страни.

Германија прави сѐ Северна Македонија да почне преговори што е можно побрзо, изјави германската амбасадорка. Посочи дека одлуките на ЕУ не смеат да бидат заложник на само една земја- членка. И САД сметаат дека ЕУ само има добивка со евроинтеграцијата на Западниот Балкан.

Регионот се соочув асо нови безбедносни предизвици, влијанија од трети страни кои сакаат запирање на процесите на евроатланската интеграција на земјите од Западниот Балкан, оценија учесниците на Регионалната школа за безбедност.

Членството во ЕУ носи и реформи на државите, справување со безбедносните закани и поголема економска соработка, што е добро и за Унијата, сметаат поранешниот претседател на Европскиот парламент Ханс-Герт Петеринг и австриски министер за одбрана Вернер Фаслабенд.

 

Ирина Гелевска