Здравство

Во Центарот за белодробни заболувања во Отешево ќе се рехабилитираат постковид пациенти

18.05.2021 17:06

Пристигнаа уште 9.360 дози од „Фајзер“, една половина преку директниот договор со производителот, другата преку европската програма. Имунизацијата продолжува. Се немалува бројот на заразени и на хоспитализирани. Донесена е одлука, во Центарот за белодробни заболувања во Отешево да се рехабилитираат постковид пациенти...

Пациентите кои го прележале коронавирусот, а се соочуваат со постковид компликации и имаат потешкотии со дишењето и движењето, ќе имаат можност да одат на рехабилитација во Центарот за белодробни заболувања во Отешево. Секој пациент ќе добие индивидуален пристап во зависност од здравствената состојба, согласно најновите протоколи за пост ковид рехабилитација. Отежнато дишење, мускулна слабост, малаксаност, болки во мускулите и во коските се најчести симптоми.

„Овие пациенти имаат потреба од функционални физички и респираторни вежби. Тимот за физикална рехабилитација преку примена на соодветни мерења и тестирања врши проценка на пулмоналниот и физичкиот статус на болниот, мерење на срцева фреквенција, мерење на гасни анализи пред и после физичката активност. Според овие резултати тимот составува соодветен програм со кој го води пациентот низ процесот на рехабилитација“, пишува во соопштението на Министерството за здравство.

Епидемијата стивнува. Се намалува бројот на заболени, но и на хоспитализирани пациенти . Кумановската болница која беше преполна со болни во текот на последниот бран на коронавирусот, затвори еден од трите ковид центри. Сепак лекарите апелираат иако се намалува бројот на новозаболени, да се почитуваат мерките за заштита.

„Искрено се надеваме дека трендот на опаѓање на бројот на новозаболени ќе продолжи, но оглед на тоа дека ние сме најголемата општина по број на жители во државата, овој тренд ќе оди малку побавно за разлика од другите болници во внатрешноста. Можам да кажам дека опаѓа и бројот на амбулантски прегледи, но сепак доаѓаат оние кои што одат на контрола, кои што се во дневна болница, сепак има и новозаболени, вчера многу се радувавме дека нема ниту еден новозаболен во Куманово, но сигурно фактичката состојба не е таа“, изјави д-р Снежана Захариева – директор на Општа болница Куманово.

Дел од ковид центрите на клиниките во Скопје изминативе денови се затворија и започнаа со редовната хируршка програма.

Околу 460 пациенти позитивни на корона вирусот се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава. Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

 

Андријана Атанасовска