Дивоградби

Обвинувања за селективност при уривањето на објектите долж охридското крајбрежје

18.05.2021 17:17

Дел од граѓаните на Охрид и поранешни концесионери на плажите обвинуваат за селективност при уривањето на објектите долж брегот на Охридското Езеро. Градоначалникот Константин Георгиевски ги отфрла како неосновани таквите обвинувања и најавува интензивирање на уривањето за што општината ќе добие подршка од јавното претпријатие „Македонија пат“. Според него уривањето на објектите на плажите и нивното уредување ќе биде завршено до петнаесетти или дваесетти јуни.

Граѓански активисти и поранешни концесионери на плажите обвинуваат дека уривањето на објектите долж охридското крајбрежје на потегот од Хотелот „Метропол“ до селото Пештани се врши селективно. Особено се револтирани сопствениците на помали хотели кои плажите ги користеле повеќе децении.

„Уривањето на дивоградби во охридскиот регион треба да продолжи со посилен интензитет и не треба да се има селективност во уривањето. Имам впечаток дека се урива кампањски, парцијално и дека не постои акционен план како треба да се спроведе едноставно целата акција, исто така нема ниту рокови за уривање“, вели Андријана Башоска- граѓански активизам-„Глас за спас на Охрид“.

„Значи тука има една груба селективна правда која што е за осуда. Ако ни урнат се тука и ако не ни дозволат понатаму да ја користиме оваа плажа бесмислено е да го држиме хотелот. Тогаш нека го земат хотелот, нека го купи јас предлагам општина Охрид нека го работи без плажата“, изјави Даница Бачевска- сопственик на хотел.

Охридскиот градоначалник ги отфрли обвинувањата и укажа дека ќе се урнат сите објекти на плажите каде што се истечени договорите за концесија.

„Сите плажи или објекти на плажите кои што порано биле издавани со концесиски договори се со изминати договори. Сите тие се со решенија за отстранување и никој од нив ова лето не смее да продолжи да обавува дејност затоа што едноставно станува збор за узурпација на државна земја, стекнување на противправна имотна корист и ние како општина нема тоа да го дозволиме“, вели Константин Георгиевски- градоначалник на Охрид.

Георгиевски најави дека акцијата за уривање на објектите на плажите ќе добие на интензитет бидеќи владата го задолжила ЈП„Македонија пат“ да испрати механизација со која што ќе се забрза целиот процес. Исто така се одобрени дополнителни 3 милиони денари за уредување на плажите пред почетокот на летната сезона.

 

Сашо Нелоски