Истражувачките стории важни за демократијата- реакции по првата епизода од серијалот „Редакција“
Истражувачките стории се важни за демократијата и за развојот на општеството, велат од Здружението на новинари по објавувањето на првата епизода од серијалот „Редакција“. Од Антикорупциска посочуваат дека ова е појдовна точка за работа на надлежните институции...
„Истражувачките стории за борбата против корупцијата и криминалот се важни и за нормално функционирање на општеството и за развојот на демократијата“- ова е ставот на ЗНМ за новинарските производи кои треба да бидат коректив на работењето на институциите, а еден од нив е и проектот „Редакција“ што го изработуваат Истражувачка репортерска лабораторија и МТВ. Од Здружението на новинарите на Македонија ја потенцираат улогата на Јавниот сервис за одбрана на јавниот интерес.
Истражувачките стории кои ги детектираат проблемите, можат да бидат појдовна точка за работа на надлежните институции, велат од Антикорупциската комисија.
Поддршка за истражувачкото новинарство даваат и странски амбасади во земјава. Една од нив е и Холандската која веќе 8 години поддржува вакви проекти.
„Слободата на изразување и слободата на медиумите се приоритети на холандската политика за човекови права. Холандија верува дека во демократско општество граѓаните имаат право да бидат соодветно информирани и да бараат носителите на одлуки да бидат транспарентни и отчетни кон нив. Слободата и плурализмот на медиумите се, впрочем, еден од суштинските елементи на европската реформска агенда на земјата“, велат од Хоалндската амбасада за МТВ.
Во првата епизода од серијалот „Реадкција“, тимот на истражувачи тргна во потрага по изворот на загадувањето на воздухот.
Наташа Јанчиќ
