Премиерот очекува потег од Брисел, неизвесно дали ќе почнат преговорите
„Европа си го чувствува проблемот и обврската дека конечно мора да направи исчекор за Северна Македонија“- изјави претседателот на владата. Според него, има разбирање и волја за свикување на првата меѓувладина конференција, ако се надмине блокадата на Бугарија...

Има разбирање и волја за вистински исчекор за Северна Македонија на престојните јунски самити на ЕУ и свикување на првата Mеѓувладина конференција, доколку се надмине блокадата на Bугарија, изјави премиерот Заев за МИА по средбата со претседавачот на Eвропскиот совет Шарл Мишел во Bрисел. Посочи дека португалското претседателство со ЕУ разработува предлози за придобивање и на Бугарија во одлуката за официјален почеток на преговорите со земјава.
„Се разработуваат идеи, што е уште еднаш потврда дека се комплетно фокусирани и сакаат да направат чекор затоа што ја отвораат и овде во ЕУ дискусијата, дали навистина ЕУ останува посветена на проширувањето према Западен Балкан и мора да дадат одговор на овие прашања“, вели премиерот Заев.
Заев смета дека треба да има чиста одлука, а секојпат може да се навратува на исполнувањето на Договорот со Бугарија, Преспанскиот договор и реформите.
„Техничка влада е во Бугарија, да не ги креваме очекувањата па да бидеме сите разочарани. Јас сум подготвен да направам сѐ, претседателот Пендаровски исто така, министерот за надворешни работи исто така, ќе направиме сѐ, но очекувањата не смееме да ги кренеме високо за да не се разочараме. Верувам дека час поскоро ќе имаме решени проблеми за да зборуваме за поглавјата 23 и 24“, нагласува Заев.
Заев дал поддршка за иницијативата на 17 европратеници за вклучување на Западниот Балкан во стратегијата за вакцинација на ЕУ за да не се дозволи влијание на трети сили во регионот. Нагласил дека земјава дава поддршка и за вклучување во конференцијата за иднината на Европа.
Ирина Гелевска
