Ковид-19

Маските остануваат, од јуни можно организирање свадби под строги протоколи

20.05.2021 09:53

„Ако продолжи трендот на намалување на заразата со Ковид-19, можно е од јуни да се одобри барањето на угостителите за организирање свадби и прослави под строго утврдени протоколи“- соопшти министерот за здравство, Венко Филипче. Идната недела се очекува да бидат готови сертификатите со електронски код со податоци за вакцините, со кои ќе може да се патува низ европските држави...

Ако продолжи трендот на намалување на бројот на новозаболени, можно е од јуни да се одобри барањето на угостителите за организирање свадби и прослави, но под строги утврдени здравствени протоколи – информира министерот за здравство Филипче. Рестораните би работеле само на летните тераси, се размислува и за зголемување на капацитетот на гости на една маса. Но, за ова треба да дискутира Комисијата за заразни болести.

„Многу е веројатно да се случи, ако продолжат овие трендови на намалување, но не можат да тврдам. Мислам дека маските треба да се носат и понатаму. Сѐ уште е рано да се тргнат како мерка. Понатаму угостителските објекти да продолжат да работат само надвор, не внатре. Да се дозволат протоколи во однос на пополнетоста на капацитетите во надворешни услови и евентуално да се излезе во пресрет на барањето за зголемување на посетители по маса. Сите други протоколи во однос на организација на настани соодветно да продолжат и понатаму“, вели министерот Филипче.

Засега има доволно вакцини за да се задржи темпото на над 12 илјади вакцинирани граѓани дневно – уверува Филипче и најавува дека во јуни од кинески „Синовак“ ќе пристигнат 500 илјади вакцини и 100 илјади „Фајзер“ преку Ковакс- механизмот.

Повеќе од 220 илјади граѓани се вакцинирани од почетокот на процесот на имунизација во земјава, ревакцинирани се околу 34 илјади граѓани. Здравствените власти очекуваат до крајот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население.

Случајот со протерувањето на рускиот дипломат од земјава, министерот Филипче не очекува да се политизира и да влијае на набавката на руската вакцина. Тој по одлуката на МНР, не се се слушнал со рускиот амбасадор, но вели досегашната комуникација била коректна и не очекува проблеми. Последните најави кои ги добил Филипче преку претставници на амбасадата се дека до крајот на мај треба да стигнат дополнителни дози од „Спутник“.

 

 

Андријана Атанасовска