Газа

Стапи на сила примирјето меѓу Израел и Хамас

21.05.2021 16:30

Претходно и двете страни прогласија победа во последниот конфликт во Газа. Набргу по постигнатото примирје, Палестинците излегоа на улиците славејќи до раните утрински часови. И Израелците задоволни од прекинот на непријателствата.

Израел и Хамас постигнаа примирје со посредство на Египет, но од Газа информации на западни медиуми дека прекинот на огнот е прекршен. Претходно и двете страни прогласија победа во последниот конфликт во Газа. Набргу по постигнатото примирје, Палестинците излегоа на улиците славејќи до раните утрински часови. И Израелците задоволни од прекинот на непријателствата.

„Ова е денот на победата и ослободувањето. Дури и ако ја уништат цела Газа, не можат да го уништат духот на отпорот во нас“- вели жител на Газа.

„Среќни сме што почна примирјето. Доволно ни беше. Мислам дека во Газа разбираат дека Израел нема да дозволи напади врз невини цивили“- изјави жител на Тел Авив.

Европската унија, Америка и Обединетите Нации го поздравија договорот за прекин на огнот. Гутереш повика на продолжување на дијалогот.

Сакам да им изразам длабоко сочувство на жртвите на насилството и на нивните најблиски. Исто така сакам да ги пофалам Египет и Катар за напорите, во координација со ООН, кои помогнаа во воспоставувањето на мирот во Газа и Израел. Ги повикувам сите страни да го почитуваат примирјето“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

Израелскиот премиер Нетанјаху го предупреди Хамас да го почитува прекинот на огнот.

Ако Хамас мисли дека ќе толерираме ракети, тоа не е во ред. Ќе одговориме со ново ниво на сила против какво било изразување агресија врз заедниците околу Газа и кој било друг дел на Израел“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Хамас предходно објави дека примирјето е победа за Палестинскиот народ и пораз за израелскиот премиер Нетанјаху.

Ја славиме оваа победа, светот нека слушне зошто славиме. Зошто сме толку среќни? Бидејќи се појавија многу фактори. Палестина се издигна од морето до реката, од север кон југ за да биде како еден замок, еден народ пред овој окупатор и вели дека сите ние се жртвувавме за Палестина, за Ерусалим, за Ал Акса“, рече Калил Ал-Хаја, висок функционер на Хамас.

Борбите почнаа на 10-ти мај, по судирите на палестинците со израелските безбедносни сили пред џамијата Ал-Акса, во источен Ерусалим.

 

Марина Ристова