Ковид-19

Интересот за вакцинација расте, метеж пред пунктовите

21.05.2021 16:40

Се затвораат сите ковид центри на скопските интерни клиники. Позитивните пациенти ќе се примаат само на Инфективна и на Институтот за ТБЦ. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува. Пред поликлиниката Букурешт и денеска гужви и нервоза. Граѓаните се жалат дека биле враќани. Докторите, пак, тврдат- се бираат вакцини и се доаѓа вон терминот. Македонските зелени пасоши според европските стандарди- вели Филипче...

На пунктовите за вакцинација нетрпеливост и гужви. Лекарите велат, некои пациенти бираат со која вакцина ќе се имунизираат со што се прави неред. Граѓаните пак велат - враќани се поради недостаток од вакцини. Велат дека зависи од нас дали ќе има турканици и неред за вакцинацијата да се одвива непречено.

Бројот на заболени од коронавирус се намалува, болниците се враќаат во редовна работа, модуларните ќе добијат нова функција. Како што претходно најави министерот Филипче, од идната недела во функција апликацијата за сертификат со безбедносен код за вакцинираните граѓани. Филипче без конкретен одговор дали македонскиот зелен пасош ќе важи во ЕУ и за оние што примиле „Спутник“ и „Синофарм“, но вели дека е усогласен со европските стандарди.

Во болниците низ земјава, се лекуваат 379 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, а во ковид- центрите има околу 614 празни болнички кревети. Бројот на активни случаи е нешто над три илјади.

Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 390.330 граѓани.

Александра Спировска