Евроинтеграции

Бугарија подготвена за активен дијалог со Македонија, но останува на своите позиции

21.05.2021 13:16

Еврокомесарот за проширување и шефот на португалската дипломатија во посета на Софија и Скопје. Вархеји и Силва, со предлог-план за надминување на бугарското вето, и Македонија да добие датум за првата меѓувладина конференција на Европскиот самит, закажан на 22 јуни. Техничкиот министер за надворешни Стоев, до Силва и Вархеји со порака дека Бугарија е подготвена за активен дијалог со Македонија, но и дека останува на своите позиции. Предлозите на португалското претседателство се коментираат како притисок врз Софија. Двајцата дипломати попладне во Скопје на разговори со државниот врв...

Не може да се очекува да се смени националната позиција на Бугарија кон Република Северна Македонија, изјавил бугарскиот привремен министер за надворешни работи Светлан Стоев по средбите со актуелниот преседавач со Унијата, португалскиот шеф на дипломатијата Силва и еврокомесарот за проширување Вархеји. Сепак, посочил дека Софија е подготвена за отворен и искрен дијалог со Скопје и за доследна примена на Договорот за добрососедство.

„Привремената влада води политика на целосен континуитет и не може да се очекува да се смени бугарската национална позиција кон Република Северна Македонија. За нас е клучно да останат добрососедските односи со давање гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство од 2017-та година. Убеден сум дека со искрен ангажман од двете страни ќе се приближиме кон заедничката цел, граѓаните на Република Северна Македонија час поскоро да станат дел од европското семејство“, изајви - привремениот министер за надворешни работи, Светлан Стоев.

Португалскиот шеф на дипломатијата во Софија истакна дека важно е за Европа да биде цела, за да има безбедност и просперитет на европскиот континент. Силва посочи дека сега е време да се решат билатералните спорови со дирекни средби меѓу Бугарија и Македонија.

„Важно е Европскиот совет да одобри почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија. Ги слушнавме бугарските предлози и иницијативи. Сега е време билатералните спорови да се решат лице во лице преку политички консултации во Бугарија и Северна Македонија. Овие критични консултации ќе бидат клучни за прогресот кон преговорите за време на португалското претседателство со Советот на ЕУ“, изјави Аугусто Сантош Силва- министер за надворешни работи на Португалија.

„Бугарија е водечка земја членка кога станува збор за нашата политика кон проширувањето на Западниот Балкан. Бугарија е дел од регионот и тоа што дојдовме тука значи нешто. Тука сме заедно со Бугарија да дизајнираме критериуми за идните чекори“, рече еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји.

Шефот на португалската дипломатија Силва и еврокомесарот за проширување Вархеји од Софија, во Скопје на средби со државниот врв за да ги пренесат ставовите на Бугарија околку почетокот на преговорите до крајот на португалското претседателство со ЕУ.

 

Ирина Гелевска