Објавен зборникот „Навраќање кон Конески“
Во Знаетчискиот дом во Куманово се одржа промоција на зборникот „Навраќање кон Конески“, што го приредија Свето Стаменов и Вера Стојчевска Антиќ. Со издавање на зборникот, Општина Куманово се приклучува во одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на великанот.

Со рецитирање на добропознатата „Везилка“ на великанот на современата македонска култура Блаже Конески во Занаетчискиот дом во Куманово почна промоцијата на зборникот „Навраќање кон Конески“, на приредувачите Свето Стаменов, новинар на Македонското радио и Вера Стојчевска Антиќ, универзитетски професор. Со издавање на зборникот, Општина Куманово се приклучува во одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Конески. Делото содржи избрани трудови на 29 врвни познавачи на животот и делото на великанот.
„Оваа година Владата на РСМ ја прогласи за година на Блаже Конески а истовремено оваа годишнина се одбележа во рамките на УНЕСКО, заедно со јубилејот на Данте Алигери. Конески и Данте си го зедоа своето место во европската култура. Ова значи дека нашиот Блаже Конески се вгради во темелите на европската култура“, истакна проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.
Конески е обединувачка личност, не само за културата на Македонците, туку и за јазиците на многу народи од југоисточна Европа, истакнаа на промоцијата.
„Сѐ додека постои македонскиот јазик, постои и македонскиот народ. Постоел и ќе постои“, посочи кумановскиот градоначалник Димитриевски.
Приредувачите Стаменов и Стојчевска Антиќ, изразија благодарност до Општина Куманово за поддршката за издавањето на зборникот, нагласувајќи дека во државата е најтешко да се обезбедат пари за културата, без која пак и јазикот, не би можеле да опстоиме.
Елена Георгиевска
