Црвена Звезда му се реваншираше на МЗТ за поразот во Скопје
Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром загуби во Белград од Црвена Звезда со 87-77 во претпоследното 25.коло од АБА лигата, по што посакуваното шесто место на завршната табела ќе го брка на завршниот настап против Раднички наредниот викенд во Скопје. Ако утре Крка загуби од Олимпија во словенечкото дерби, нашата екипа ќе решава сама за себе и со триумф против српскиот тим ќе ја оствари целта.

Најдобриот тим во лигата сезонава се одмазди за декемврискиот пораз во Скопје и со 70 отсто од силите не дозволи уште еден успех на МЗТ во салата “Пионир“. Лидерот штедеше дел од главните играчи, но нашиот тим влезе индиспонирано во средбата и потоа во ниеден момент не го фати потребниот ритам. Постојано беше во минус, по десет минути од седум поени, на полувреме беше во негатива од осум, а по триесет минути игра дури и од 15 коша. Користејќи го опуштениот приод на „црвено-белите“ во последниот период, МЗТ го подигна нивото и со серија од 10-0 ја врати неизвесноста, но не успеа да го сведе заостатокот на помалку од шест поени. Најблиску дојде до 78-72.
Синовец постигна 17, Цветковиќ 14, а Стојановски 11 поени за македонскиот првак, за кого бледа вечер имаа играчите на позициите четири и пет. Кај водечката екипа на табелата во јадранското друштво и воопшто на натпреварот најефикасен беше Драгичевиќ со 18 коша. Марјановиќ даде 17, а Катиќ уфрли 15 поени.
Поради меѓусебен конфликт во финишот беа исклучени Тејиќ и Чековски. Играчот на Звезда го удри крилото на МЗТ, но по мешаницата што настана во соблекувалната беше испратен и тој.
Црвена Звезда секако од првото место ќе влезе на „фајнал-фор“ турнирот, додека на МЗТ му претстои двобој со Раднички Крагуевац за педесетпроцентен ефект во втората АБА сезона. Од пресметката со српскиот тим ќе му зависи пласманот на шестата позиција.
Во другите саботни натпревари, Цедевита ја совлада Игокеа со 74-60, со што го обезбеди второто место и ја оддалечи Игокеа од трката со МЗТ и со Крка за шестата позиција, додека Мега Визура славеше на гости кај Солнок со 66-61.