На „Криволак“ продолжува воената вежба „Одлучен удар 21“
Со неколку показни вежби изведени на воениот полигон „Криволак“ продолжуваат активносите од воената вежба „Одлучен удар 21“ каде учествуваат 1.500 војници од Македонија, САД, Грција и Бугарија...

Група незадоволни мештани го блокираа локалниот пат, каде требаше да мине конвој на АРМ. Во групата имаше и повредено лице. Постапувајќи по војничките протоколи и во разговор со групата, војниците го надминаа проблемот, а мештаните ги пуштија да продолжат со движење. Ова беше една од неколкуте показни вежби, која беше изведен на армискиот полигон „Криволак“, во рамките на вежбата „Одлучен удар 21“. Беше изведено и боево гаѓање на одделение на припадници на АРМ, како и на војската на САД.
Концептот на вежбата се базира на фиктивно сценарио, кое треба да ја покаже подготвеноста на НАТО силите за изведување на колективна одбрана, за подоцна да премине во против напад. Целта е да се покаже можноста на Македонската армија, за поврзување со други армии членки на НАТО, во случајот Вториот пешадиски баталјон на АРМ со Четвртата Бригада за асистенција и поддршка на Армијата на САД.
Заради транспорт на армиските возила на САД, кои учествуваат на вежбата, а со воз беа транспортирани од Солун до „Криволак“, Македонски железници, изврши репарирање на пругата во должина од 4 километри, од железничка станица „Криволак“ до воениот полигон.
Активностите на воената вежба „Одучен удар 21“ започнаа на 17-ти мај а завршуваат на 2-ри јуни.
Петар Печков
