Се празнува делото на светите браќа Кирил и Методиј
Ден на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Се празнува делото на светите браќа кои ја создадоа првата пишана словенска азбука- глаголицата, и отворија нови просветни, духовни и културни видици за словенските народи во Европа. По повод празникот честитки упатија претседателот Пендаровски, спикерот Џафери, премиерот Заев и лидерот на опозицијата Мицкоски...

На 24-ти мај го славиме делото на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј, апостоли на словените, создавачи на азбуката и граматиката. Со глаголицата и нивното мисионерско дело за описменување и за распространување на православната вера влијаеле врз културниот развој на сите словени.
На 24-ти мај го чествуваме големото дело на светите браќа Кириј и Методиј што е од непроценливо значење за нашиот јазик, писменост и културно издигнување.
Најстариот универзитет во земјава им оддаде признание на неговите патрони. Државниот врв со честитки до црквата и до граѓаните.
„Македонскиот јазик, како и секој друг словенски јазик е гранка од стеблото засадено од светите Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и Свети Климент и Свети Наум Охридски. Какви плодови ќе береме зависи од тоа колку ќе вложуваме во нашата македонска гранка од словенското јазично стебло. Тоа е наша должност кон претходните и идните генерации, но и наш придонес кон европскиот културен, образовен и цивилизациски простор“, нагласува претседателот Стево Пендаровски.
Претседателот на Собранието,Џафери рече делото на светите браќа Кирил и Методиј е од огромно значење за светската наука и култура, а претседателот на владата Заев потенцираше дека врвен приоритет е зголемувањето на инвестициите во високото образование.
„Водени од космополитските начела на светите браќа и нивните ученици, кои спроведоа широка културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои особено е значајна нашата Светиклиментова Охридска школа, да покажеме визионерство и преку употребата на алатките кои современата технологија ни ги нуди да се справиме со образовните предизвици на нашето време“, вели премиерот Зоран Заев.
Ликот и делото на светите браќа Кирил и Методиј е рамно на апостолско и затоа се прогласени за заштитници на Европа, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. „Горди сме и неизмерно сме им благодарни, затоа што со златни букви ја запишаа Македонија во европската и светската културна ризница“, нагласува Мицкоски.
Црковна делегација на МПЦ-ОА, предводена од владиката Пимен одржа молебен на гробот на Свети Кирил, а министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија организираа заеднички настани во амбасадите во Белград, Прага, Вершава и во Киев.
Ана Јосифоска Тодоровска
