Ковид-19

Комисијата за заразни болести со предлог за намалување на рестриктивните мерки

28.05.2021 10:02

Од 1-ви јуни, заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни. Да престане да важи забраната за групирање на отворено. При групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски. Полицискиот час останува на сила...

Утрово на Комисијата за заразни болести донесена е одлука до Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) да се достави предлог за понатамошно олабавување на рестриктивните мерки, соопштуваат од Министерството за здравство. Пандемијата стивнува и од недела во недела се намалува бројот на активни случаи.

Комисијата до ГККШ ќе ги предложи следните олабавувања: Од 1-ви јуни, заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни. Да престане да важи забраната за групирање на отворено.

При групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски. Да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50% исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде 6.

Спортските натпревари кои се играат на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30% од капацитетот на стадионот.

Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по 6 гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат на сила.

Полицискиот час останува на сила. Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување на настани и концерти на отворено, а по 15 јуни според договорените протоколи ќе биде дозволена и организација на ваков тип настани.

Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа апелираме до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките- велат од ресорот здравство.