Здравство

Се намалува бројот на заразени со Ковид-19

28.05.2021 10:15

Последните бројки покажуваат дека вкупно 249 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава, а има 538 празни болнички кревети.

Стивнува бројот на заразени со коронавирусот. Последниот официјален ковид-биланс е 53 нови случаи, 111 оздравени и 13 починати лица.

Последните бројки покажуваат дека вкупно 249 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава, а има 538 празни болнички кревети.

Во ковид-центрите, пак, се лекуваат 149 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Бројот на приеми се намалува, сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка. Поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.

Имунизацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата „vakcinacija.mk“ е 425.422 граѓани.

Вкупно се аплицирани 267.167 дози вакцини, а ревакцинирани се 54.600 граѓани. Со последните бројки, 46 отсто од населението над 70 години и 40 проценти од населението над 65 години има примено барем една доза вакцина.

Масовна вакцинација се спроведува во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, како и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.