Колдинг е квалитетен, ама не и несовладлив!
И во двете екипи ќе недостасуваат важни играчи, Наумче Мојсовски и Швеѓанецот Ким Андерсон, па ова може да биде дуел што ќе го одбележат голманите кои се меѓу најдобите во Лигата на шампионите, Дарко Станиќ и Каспер Хвидт...

Можеби пред извлекувањето Колдинг беше најпосакуваниот осминафинален противник, но ракометарите на Металург се пред големо искушени во Лигата на шампионите затоа што противникот е и квалитетна и искусна екипа составена од репрезентативци на Данска која на последните Европски и Светски првенства има едно злато и три сребра.
И во двете екипи ќе недостасуваат важни играчи, Наумче Мојсовски и Швеѓанецот Ким Андерсон, па ова може да биде дуел што ќе го одбележат голманите кои се меѓу најдобите во Лигата на шампионите, Дарко Станиќ и Каспер Хвидт. Одбраната според која Металург е меѓу најсупешните во елитното натпреварување треба да биде таа што ќе го носи македонскиот тим кон добар резултат пред реваншот во Копенхаген. Само со цврста дефанзива, металурзите можат да го сопрат триото Бо Спелеберг, Лукас Карлсон и Ласе Андерсон. Во нападот, ракометарите на Металург ќе мора да бидат трпеливи во пробивањето на гостинската зона 6-0 и да ги сведат грешките на минимум за да не им дозволат на Данците брза офанзивна транзиција.
Со победите против Барселона и Пари Сен Жермен, екипата од Автокоманда покажа дека може против секога особено пред својата публика и кога тренерот Лино Червар ги има на располагање сите ракометари како што ќе биде случај на денешниот натпревар, вклучувајќи го и Павел Атман, а се разбира без Наумче Мојсовски. И Колдинг ќе биде комплетен без разлика што на повреда пред патувањето во Скопје се жалеше Јоаким Болдсен.
Со десете учества, Колдинг има богата традиција во Лигата на шампионите, но важи и за вечен осминафиналист. Данците дури шестпати биле елиминирани во оваа фаза. Кога во 2002-ра и во 2003-та стигнува до полуфиналето, односно до четвртфиналето немаше осминафинален филтер.
Во петтиот настап во Лигата на шампионите, ракометарите на Металург третпат се во нокаут фазата и во првите меѓусебни пресметки со Колдинг ќе влезат со амбиција барем да го повторат ланскиот успех кога играа во четвртфиналето. Натпреварот Металург – Колдинг ќе почне во 16 часот и 55 минути.
