Охрид

Специјализираните болници дадоа голем придонес во справувањето со Ковид-19

30.05.2021 17:49

Ковид пандемијата несомнено имаше голем импакт во реорганизирањето на здравствените системи и установи во земјава и светот. Дел од специјализираните болници, како што е онаа за кардиоваскуларни заболувања во Охрид пренаменија дел од своите капацитети при што дадоа голем придонес за да се спасат многу животи. Сепак тоа не влијаеше на примарната дејност која и во такви услови не беше запоставена, за што говорат бројките кои што се на исто ниво со оние пред пандемијата...

По повеќе од седум месеци интензивна работа пред десеттина дена беше затворен Ковид центарот во Специјализираната болница за кардиологија во Охрид. Тука се лекуваа околу 300 лица меѓу кои беа најтешките пациенти заболени од коронавирусот од охридскиот регион. Оваа здравствена институција е помеѓу ретките во земјава каде што успешно се излекуваа двајца пациенти интубирани на респиратор.

„Триесеттина од нив беа третирани со неинвазивна механичка вентилација, повеќето од нив успешно го завршија лекувањето. Шест пациенти беа интубирани на инвазивна механичка вентилација од кои двајца успешно го завршија лекувањето и веќе се на домашно лекување. Целиот медицински персонал покажа голема професионалност, стручност, посветеност, пожртвуваност“, изјави д-р Елена Коваческа Башуроска, директор на Специјализираната болница за кардиологија „Свети Стефан“.

Во текот на целиот период по отворањето на ковид центарот во болницата успешно функционираше примарната дејност, односно третманот на пациенти со кардиоваскуларни заболувања.

„Одделот за интервентна кардиологија го одржа нивото во текот на оваа година дена, повеќе од година дена, не е вратен ниту еден пациент со ургентни или би рекол итни индикации за третман во сала и исто така успеавме во добар дел да го одржиме елективниот програм, редуциран меѓутоа сепак во тек на оваа измината година за време на кризата значи одделот за интервентна кардиологија работи перманентно без намалување на бројките“, вели д-р Никола Бакрачески- раководител на одделението за интервентна кардиологија.

Бројките на третирани лица според лекарите не се намали пред се поради зголемениот прилив на пациенти со приоритетни или живото загрозувачки состојби и од подалечените градови во земјава кои што специјалната болница вообичаено не ги покрива.

 

Сашо Нелоски