Стипендии за 150 првачиња со попреченост
Трошоците за живот во семејство со лице со попреченост се двојно поголеми. За таа цел, неколку здруженија на ниво на државата во рамки на проект, обезбедија стипендии за првачињата со попреченост. Можност да добијат средства во овој повик имаат 150 дечиња.

150 дечиња со попреченост, кои во септември ќе се запишат во прво одделение, можат да добијат стипендија, која е во рамки на проектот „Биди Ин, биди Инклузивен, биди Инклудиран“, кој го реализираат неколку здруженија на ниво на државата. Дечињата, односно нивните родители ќе добиваат средства во висина од 50 евра месечно. Од здружението Инклузива од Куманово, информираат дека вакви стипендии веќе користат 322 дечиња.
„Се знае дека едно семејство кое има член со попреченост има потреба од лекови, рехабилитација, различни логопедски дефектолошки третмани, што ги плаќаат самостојно. Дел од тие средства ќе им послужат економски да зајакнат и да дадат поголема поддршка на своето дете, да се вклучи во образовниот процес“- истакна Благица Димитровска, претседател Здружение „Инклузива“ Куманово.
Во рамки на овој проект било утврдено и дека личната асистенција е неопходна и за децата со телесна попреченост и оштетен вид. Согласно законот за социјална заштитата, корисници на оваа услуга се лица на возраст од 18 до 65 години.
„Во ноември поднесовме иницијатива до Министерството за труд и социјална политика, кое веднаш беше усвоено, за да ги следува децата штом ќе тргнат на училиште, односно од 6 годишна возраст. Помина јавната расправа во Собранието, се надеваме дека пратениците ќе го усвојат предлогот и од септември овие дечиња ќе можат да имаат лични асистенти“- дополни Димитровска.
Проектот „Биди Ин, биди Инклузивен, биди Инклудиран“го финансира Европската унија.
Елена Георгиевска
