На 14-ти јуни започнуваат уписите во средните училишта
Препораката на Министерството за образование и наука е одлуката да се носи исклучиво согласно личните убедувања и афинитети на учениците, но предвид секогаш да се имаат и информациите за тоа каков кадар е потребен во стопанството, а согласно кои, средното стручно образование обезбедува поголема веројатност за брз и успешен настап на пазарот на трудот.

Уписите во средно образование ќе се реализираат преку три пријавувања во текот на следниот месец, почнувајќи од 14-ти јуни. Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, поточно на 23 август, за што доставуваат доказна документација.
Идните средношколци имаат доволно време да размислат каде ќе продолжат да се образуваат. Препораката на Министерството за образование и наука е одлуката да се носи исклучиво согласно личните убедувања и афинитети на учениците, но предвид секогаш да се имаат и информациите за тоа каков кадар е потребен во стопанството, а согласно кои, средното стручно образование обезбедува поголема веројатност за брз и успешен настап на пазарот на трудот.
Конкурсот за учебната 2021/2022 година предвидува во 109 средни училишта вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.
Фокусот е ставен на стручното образование, како образование на сегашноста и иднината. МОН креираше целосно нова политика на стипендирање на средношколците, согласно која, за новата учебна година предвидени се 2000 стипендии во вредност од 3.500 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование. Додека, 200 стипендии во износ од 2.200 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината ќе бидат доделени на ученици запишани во прва година во дефицитарните струки како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка. Ова е одличен мотив за учениците, додека се едуцираат, истовремено и да остваруваат дополнителен приход.
