Ковид-19

Од утре без маски на отворено, полицискиот час останува на сила

31.05.2021 12:42

Од утре олабавување на рестриктивните мерки. Без маски на отворено, полицискиот час од полноќ до четри часот наутро продолжува да важи до 15-ти јуни. Главниот координативен штаб ги прифати препораките на Комисијата за заштита од заразни болести. Владата треба да ги потврди на седница. Се укинува и мерката за работа во смени или од далечина...

Од први јуни маски на отворено да не се носат, освен во јавниот превоз и во затворени простории, главниот координатвен Ковид- 19 кризен штаб ги прифати препораките на Комисијата за заштита од заразни болести. Според нив, моменталната епидемиолошка состојба дозволува присуство на публика на спортски натпревари на отворено со исполнетост до 30 проценти од капацитетот. Се укинува и забраната за собирање на повеќе од четири лица на јавен простор, а ќе се дозволи и организирање свадби и прослави на летните тераси на рестораните до 100 гости. Исто така, од 1-ви јуни ќе се укине и мерката за работа во смени или од далечина.

Полицискиот час од полноќ до четири часот продолжува да важи до 15-ти јуни, потоа Комисијата за заштита од заразни болести дополнително ќе одлучува.

Олабавувањето на мерките доаѓа по 14 дневното континуирано намалување на бројот на заразени од коронавирусот. Состојбата е стабилна, но надлежните предупредуваат дека многу лесно може да влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени.

Од главниот координативен штаб потврдуваат дека се намалува бројот на заразени, бројот на позитивни од тестирани, како и на хоспитализирани поради Ковид-19.

 

Андријана Атанасовска