Со помош на Данска, НСА прислушувала функционери
Данска им помагала на САД во шпионирање на европски функционери, вклучувајќи ја и германската канцеларка Меркел, тврдат повеќе европски медиуми. Центарот за прислушување бил сместен во близина на Копенхаген...

„Данската тајна служба (ФЕ) ѝ помагала на Американската агенција за национална безбедност (НСА) да ги шпионира европските лидери, вклучувајќи ги и германската канцеларка Меркел и претседателот Штајнмајер“, тврдат повеќе европски медиуми. Како извор на информации се користела станицата за прислушување Сандагергардан во близина на Копенхаген каде што е поставен важен интернет јазол. Иако била запознаена со случајот уште од 2015 година, Данската влада не ја информирала соседна Германија. Берлин бара образложение за случајот.
„Шокантен е фактот дека пријателските разузнавачки агенции прислушуваат и шпионираат високи функционери на други земји. Тоа е мал показател дека водат свој живот. Од политички аспект, ова е скандал“, вели Пер Штајнбрик, поранешен кандидат за канцелар.
„Мора да го разберете системот на разузнавачките агенции. Не се базираат на пријателства или морално-етички ставови. Тие спроведуваат интерес. Собираат информација за тоа. Мојот пристап е: Не верувајте никому“, додава Патрик Зенсбург, шеф на истражниот одбор на НСА (2014-2017).
Поради преголемата соработка меѓу разузнавачите на двете земји, владата во Копенхаген лани го разреши целото раководство на Тајната служба. Покрај германските, НСА шпионирала функционери и од американската администрација. Мета на шпионската мисија биле и политичари од Норвешка, Франција и Шведска.
„Контакирав со данскиот колега, Шведска постави неколку прашања во однос на тоа дали се користат данските системи и платформи за прислушување на шведските политичари и функционери, и дали некоја друга земја била вмешана. Побарав конкретна информација за шведските компании и граѓани. Би сакале целосно објаснување и да ги видиме сите карти на маса“, изјави Петер Хултквист, министер за одбрана, Шведска.
За прислушувањето на САД се зборуваше уште од 2013 година, но новинарите дури сега добија пристап до извештаите во кои се потврдува соработката меѓу двете служби. Иницијална каписла за процесот беше поранешниот соработник на НСА и ЦИА, укажувачот Едвард Сноуден, кој обелодени серија доверливи документи за масовно прислушување на телефонските врски и интернетот. Според него, во скандалот бил вмешан и сегашниот американски лидер Џо Бајден, кој тогаш ја вршеше функцијата на потпретседател. Данската тајна служба и НСА засега без коментар.
Маја С. Филдишев
