Преквалификација

Одливот на кадар во угостителството надминал 50%

31.05.2021 15:05

Според анкетата на бизнис заедницата за време на пандемијата со Ковид-19 и неработењето на објектите, одливот на стручен кадар во угостителството достигна 50 проценти. Стопанската комора во соработка со Швајцарската агенција за меѓународен развој организираат преквалификација за четири најбарани работни позиции, а доколку има потреба од компаниите, и за други профили на кадар што недостигаат.

Според анкетата на бизнис- заедницата на Стопанската комора за време на здравствената криза предизвикана од Ковид- 19 и неработењето на објектите, одливот на стручен кадар во угостителството достигнал 50%. Поради тоа, Стопанската комора во соработка со Швајцарската агенција за меѓународен развој организира преквалификација за четири најбарани работни позиции, а доколку има потреба од компаниите и за други профили кадар што недостига. Се планира опфат на 50 до 100 лица за секоја одделна обука за преквалификација.

„Компаниите укажуваат дека поради Ковид 19 кризата имаат одлив на стручен кадар над 50%. Станува збор за келнери, рецепционери, готвачи, помошници готвачи и сите останати работни позиции во угостителско-туриситчкиот сектор“, вели Ана Таневска- Ѓорѓиевска, претседател на Здружението за угостителство и туризам.

Проектот предвидува комбинирана обука, теоретска и практична, но од комората велат дека ќе бидат потребни околу 3 години за да добро се обучи вработен во угостителско-хотелскиот сектор. Податоците на официјалната статистика се разликуваат од резултатите на анкетата на Стопанската комора за бројот на вработени што го напуштиле овој сектор.

„Проекциите што ги направивме во двете студии во 2020-та беа дека од 4. 000 до 20. 000 работници можат да се одлеат од овој сектор. Ние не велиме дека сите тие се останати на улица или дека се без работа, но велиме дека угостителството има недостиг од кадар и тој кадар во компаниите достигнува до 50% од потребниот што го имаат“, изјави Даниела Михајловска- Василевска, Стопанска комора.

Угостителите потсетуваат дека годинашната сезона, особено во градовите што се надвор од туристичките региони, се уште не е започната, а веќе се пролонгирани и најавените нови авио линии. Сето ова ја зголемува загриженоста кај компаниите околу очекуваното заживување, велат од туристичко-угостителскиот сектор.

Свето Николовски