Се очекува Владата да ги потврди препораките на олабавување на мерките
Предвидено е од денеска повеќе да нема потреба од маска на отворено, да се дозволи организирање свадби и прослави, да се укине сменското работење...

Се очекува Владата на денешната седница да ги потврди препораките на главниот координативен кризен штаб, кој вчера ги прифати препораките на Комисијата за справување со заразни болести за олабавување на рестриктивните мерки. Предвидено е од денеска повеќе да нема потреба од маска на отворено, да се дозволи организирање свадби и прослави, да се укине сменското работење.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера посочи дека епидемијата спласнува, но апелираше до граѓаните да останат внимателни.
„Маската е добар механизам. Се тргнува и забраната за групирање. Меѓутоа, добро е да се има предвид, да се има при рака, ако има групирање макар и надвор иако е топло, да може да користи. Истото тоа важи и за собирите дома, сите граѓани треба да се свесни дека имаме сега стабилна ситуација, меѓутоа навистина никој не може да предвиди не само ние, туку каде било во светот како понатаму ќе се одвива понатаму епидемијата. Ние ги пратиме сите трендови кај нас во околните земји и така согласно тоа ги даваме препораките“, изјави министерот Филипче.
Продолжува да опаѓа бројот на активни случаи со Ковид-19. Според Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се регистрирани само тројца новозаразени, што претставува 0,2 процента од направените 1.325 тестирања.
Во последново деноноќе починале петмина, на возраст од 50 од 81 година, сите освен еден во болнички услови. Како оздравени се водат 45 пациенти. Од почетокот на пандемијата досега се регистрирани повеќе од 155 илјади случаи, од кои 1.150 се активни. Досеа починаа 5.413 заболени.
Инаку, вчера пристигнаа и 11.700 дози од „Фајзер“ вакцината.
