65 години - Национален ансамбл „Танец“

23.03.2014 13:41

Денеска ќе се одржи Свечена академија на големата сцена на Македонската опера и балет во Скопје по повод 65-годишнината од основањето на Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“.

Планирани се 25 концерти низ Македонија и пет во Скопје, од кои еден ќе бидем „мега концерт“. Од Ансамблот најавија дека целата 2014 година ќе биде јубилејна. 

Одбележувањето на 65-те години почна во феруари со промоција на второто цеде „Незаборав.

На 5 јули ќе има концерт на плоштадот во Скопје, во рамки на „Скопско лето“, а по подолг период оваа година ќе гостува и на „Охридско лето“ со голем концерт на Антички театар. Во октомври, пак, планираат концерт „Игри и песни без граници“ во „Метрополис арената“, на кој ќе гостуваат ансамбли од регионот.

„Танец“ ќе има и повеќе настапи во хуманитарни цели, како и неколку гостувања во странство. Во мај Ансамблот ќе има минитурнеја низ Бугарија, во јуни ќе гостува во Рига, во рамки на манифестацијата Денови на македонската култура во Европската престолнина на културата во 2014, а во јули-август ќе патува во Хрватска.

Во март 1949 година е донесена одлуката „Танец“ да биде државен ансамбл на тогашна Социјалистичка Република Македонија. Богатото фолклорно наследство, песните и ората од Македонија, „Танец“ ги има презентирано на голем број светски сцени, како  Карнеги хол во Њујорк, Бољшој-театар во Москва, Опера хаус во Сиднеј, во концертните сали во Катар, Израел, Кина и во повеќето европски земји.