Ковид-19

Имунизацијата забавува, доцнат вакцините на „Спутник“ и „Синовак“

01.06.2021 13:02

Имунизацијата се одвива со забавено темпо. Доцнат вакцините од руски „Спутник“ и од кинески „Синовак“. Во моментов на располагање имаме околу 15 илјади вакцини за прва доза, откако пристигна понеделничката пратка од „Фајзер“. Надлежните спас гледаат во донациите кои неделава треба да ги добиеме од Грција и од Бугарија. Лекарите посочуваат дека треба да се размислува и младите, кои се пренесувачи на вирусот, да се вакцинираат...

Откако сите ризични категории ќе добијат вакцина, мора да се размислува и да се преземе чекор за имунизарање на децата од 12 до 16 години, вели доктор Аспазија Софијанова, директорка на Детската клиника. Објаснува дека младите се пренесувачи на вирусот кој многу лесно мутира, па може да дојде до појава на нови соеви и покрај напорите на глобално ниво со вакцинација да се создаде колективен имунитет. Кога ќе почне имунизација на децата, приритет повторно ќе имаат ризичните категории.

Нашите лекари заедно со колеги од Турција дијагностицирале редок облик на синдром кај дете пост- ковид. Различни органи покажувале различна слабост.

Над 90 деца со пост- ковид симптоми биле излекувани на Клиниката за детски болести од месец октомври досега. Деновиве Клиниката за детски болести почнува со редовна работа. Сите кои што имаат потреба тука можат да добијат преглед.

Имунизацијата на возрасната полулација нема да запре, рече министерот Филипче. Сè уште не се знае кога во земјава ќе стигнат руските вакцини „Спутник“. Договорени се 200.000 дози, а досега се пристигнати само 6.000. Нема точен датум ниту за пристигнување на кинеските на „Синовак“ од кои се нарачани 500.000 дози.

Понеделников пристигнаа нови количини од „Фајзер“, а неделава се очекуваат донациите од Бугарија и од Грција.

 

Наташа Јанчиќ- Менковски