Ковид-19

Перу урива црни рекорди

01.06.2021 13:41

Перу урива црни рекорди. Земјата стана прва во светот по починати од Ковид-19 во однос на големината на населението. Здравствениот систем е пред колапс. Има и недостиг од кислород...

Двојно зголемен бројот на починати од коронавирус во Перу. Со тоа земјата има најголема смртност од Ковид-19 во светот, во однос на вкупниот број на популацијата. Втора на листата е Унгарија.

„Еден од главните предизвици на оваа пандемија е да се задржи регистарот на починати лица, бидејќи карактеристиките на овој нов вирус бараат специфични методологии, инфраструктура и протоколи за што не сите институции се подготвени“, изјави Виолета Бермудез, премиер на Перу.

Перу е една од најтешко погодените земји во Латинска Америка, што резултираше со преоптоварување на здравствениот систем и недостаток на резервоари за кислород. По ревизијата на податоците, официјалниот број на починати во земјата се зголеми на над 180.000.

„Ќе имаме уште многу случаи и случаи кои, како што посочи министерот за здравство, ќе бидат од голема помош за да продолжиме да ја надгледуваме панедмијата. Но пред се да ги преземеме соодветните неопходни мерки. Се надеваме дека наскоро ќе ја надминеме пандемијата преку процесот на вакцинација, како и преку други мерки за превенција што ќе ги имплементираме“, нагласи Бермудез.

Причина за зголемувањето на бројот на починати во јужноамериканската земја е проширувањето на официјалите критериуми за смртните случаи што се базираат на зараза со вирусот. Експертска група дошла до заклучок дека претходно важечката бројка од 69.000 жртви на коронавирус е прениска.

„Малку е безобразно што нашите власти не прават ништо ова да запре, бидејќи како што знаеме, во моментот има вакцини, но не се доволни за сите места во земјата.“

„Властите не управуваат добро со државата, а не е искрено ниту Министерството за здравство. Луѓето треба да знаат што навистина се случува. Бидејќи со бројка од околу шеесет и нешто илјади, мислам дека луѓето се чувствувале прилично безбедно и во некои случаи не ги презеле соодветните мерки“- велат роднини на пациенти.

За починати од Ковид-19 досега се сметаа оние кои биле позитивни на тест. Сега во статистиката се земаат во предвид и смртните случаи кај кои врз основа на клиничките наоди се смета за веројатна инфекција со коронавирус.

 

Марина Ристова