Под мотото „Украдени движења“ почнува „Танц фест“
По 17-ти пат ќе се танцува на повеќе сцени во Скопје, а за првпат една од претставите ќе биде одиграна и во Домот на културата во Тетово- соопштија организаторите.

Под мотото „Украдени движења“, вечер на отворената сцена во Домот на армијата почнува годинешното издание на реномираниот фестивал за современ танц „Танц фест- Скопје 2021“.
По 17-ти пат ќе се танцува на повеќе сцени во Скопје, а за првпат една од претставите ќе биде одиграна и во Домот на културата во Тетово- соопштија организаторите.
„Скопје танцовиот театар“ ќе го одбележи својот 10-годишен јубилеј со кореографијата „Меѓусвет“ на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски и сценографија на Матеа Мијановиќ, која е инспирирана од песната „Убавите Жени“ на Блаже Конески.
Со оваа претстава, Скопје танцовиот театар дава свој придонес во славењето на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески, и одбележување 100 години од неговото раѓање.
Во рамки на фестивалот, своја програма ќе имаат и студентите по современ танц од универзитетот „Гоце Делчев“, а втората генерација студенти од катедрата за современ танц при Филмската академија ќе ја изведат нивната дипломска кореографија.
