Ковид-19

Пандемијата стивнува, препораките остануваат

01.06.2021 14:50

Пандемијата стивнува, но препораките остануваат. Епидемиолозите препорачуваат граѓаните да продолжат да ги почитуваат мерките, но и масовно да се вакцинираат. Во наредниот период очекуваат нов бран, но со далеку помал интензитет од третиот. Во Куманово од денеска започна да функционира и молекуларна лабораторија, за спроведување ПЦР тестирања. Досега на пункт се земаа брисеви, но се носеа на испитувања во Скопје. Граѓаните резултатите ги чекаа и по неколку дена.

Намалениот број на новозаболени од Ковид- 19 покажува дека пандемијата стивнува. Мерките се олабавуваат, но граѓаните да продолжат да се придржуваат до препораките и масовно да се вакцинираат, препорачуваат епидемиолозите од Центарот за јавно здравје Куманово. Од оваа установа потврдуваат дека изминативе седмици значајно е поголем бројот на оздравени лица, отколку новозаболени. Бројката на активни случаи во Куманово во моментов изнесува 110.

„Ако се придржуваме, понатаму бројот на вакцинирани да се зголемува, бројот на почитување на мерки, останува само да очекуваме во наредниот период секако да очекуваме бран, но не со интензитет како што беше третиот бран“, посочи Јадранка Стаменковска, епидемиолог Центар за јавно здравје Куманово.

Во Центарот за јавно здравје Куманово почна да функционира молекуларната лабораторија, која ќе спроведува ПСР тестирања за ковид 19. Жителите на североисточниот регион, претходно беа принудени по неколку дена да ги чекаат резултатите.

„Досега имаше само пункт за земање брисеви ги носевме во Институтот за јавно здравје во Скопје, а од денеска сами ќе ги правиме тестовите“, нагласи  Ариф Љатифи, директор Центар за јавно здравје Куманово.

Цените за ПЦР тестови во Центарот за јавно здравје Куманово ќе се движат од 1.800 до 3.000 денари.

„Имавме сериозни проблеми околу обезбедување на термини, носење брисеви, сега полесно ќе биде, тука ќе се проверуваат во истиот ден ќе се земаат резултати. Ќе гледаме брисеви по Мој термин, епидемиолошки, и за патувања во странство и за клиничко лекување“, наведе Дане Милошевски, специјалист по микробиологија.

Од почетокот на пандемијата во Куманово се регистрирани над 8.800 случаи позитивни на коронавирусот.

Елена Георгиевска