Македонија

Охридскиот регион најверојатно ќе се најде на листата на региони во опасност на УНЕСКО

01.06.2021 15:57

Охридскиот градоначалник Константин Георгиевски не ја исклучува можноста Охридскиот регион да се најде на листата на региони во опасност на УНЕСКО. Општината работи на исполнување на препораките и ги отстранува дивоградбите долж крајбрежјето и тоа е видливо, но конечната одлука ќе биде донесена на сесијата на Комитетот за културно и природно наследство во јули. На денешната средба со новинарите тој посочи дека некогашните концесионери и по истекувањето на договорите остварувале милионски заработувачки на што надлежните инспекциски служби не реагирале...

Финалниот извештај на Реактивната мисија на УНЕСКО за состојбите во охридскиот регион треба да се објави на 4-ти јуни, Охридскиот градоначалник Константин Георгиевски не очекува да има некои значајни разлики во однос на драфт верзијата од јануари и вели дека е отворена можноста охридскиот регион да биде ставен на Листата на региони во опасност на УНЕСКО. Сепак конечната одлука ќе биде донесена на сесијата на Комитетот за природно и културно наследство на УНЕСКО која ќе започне на 15-ти јули.

„Извештајот се однесува до периодот до кога беше присутна Реактивната мисија, а тоа е јануари 2020-та година. Од јануари ние имаме значаен напредок постигнато и тоа ќе го дискутираме на сесијата, а конечната одлука ќе зависи од комитетот. Меѓутоа за разлика од 2019-тата година кога УНЕСКО го објави извештајот, објави и Нацрт одлука за ставање на регионот во опасност. Сега таква Нацрт одлука нема“, вели охридскиот градоначалник, Константин Георгиевски.

Без разлика на одлуката на УНЕСКО општината ќе ги продолжи активностите за да се спречи догогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации вели Георгиевски при што ги посочи финансиските анализи кои покажуваат фрапантни бројки на остварен приход од страна на поранешните концесионери кои и покрај изминувањето на договорите стопанисувале со плажите.

„Фирма концесионер на плажа за период од 4 години кога немала активен договор за концесија остварила приход од фантастични 190 милиони денари. Друга фирма која стопанисувала со плажа исто така без договор остварила 59 милиони денари, а трета фирма за стопанисување со плажа без договор остварила 14 милиони денари, а прикажала расход само за двајца пријавени работници“, нагласува Георгиевски.

Општината не можела да го превенира вршењето на дејност туку само да постапува по решенија за отстранување, вели Георгиевски, а останатото било работа на инспекциските служби кои треба да објаснат зошто не го санкционирале дивеењето на плажите.

 

 

Сашо Нелоски